20 годишната Тијана Илова од Кавадарци е светол пример за тоа како младите треба да ја почитуваат македонската традиција и култура. Традиционалниот тапан е нејзината прва љубов меѓу музичките инструменти. Свири на него од пет години. Денес таа е атракција и настапува пред голема публика. Плени со својата појава на сцена. Ги урива сите стереотипи дека тапанот е машки инструмент. Со традиционалната музика другарува од најраните детски денови.
“Народната македонска музика ми е омилена. Со македонска народна музика пораснав. Не гледав, цртани, гледав Танец, свадби, такви веселби гледав каде што има тапан”, вели Тијана.
Талентот за свирење на тапан Тијана го наследила од нејзиниот дедо.
“На една прослава дедо ми ме праша ајде Тијанче да видиме ти што знаеш. Ме виде дека имам интерес за тапан бидејќи секогаш кога одев кај него на гости го прашував за тапанот, за народна музика. Бидејќи бев преокупирана само со народна музика. Кога ја отсвирев првата песна ми го даде неговиот тапан и ми рече повели и со среќа. Така почна прикаската”, истакнува Илова.
На почетокот импровизирала со ударни инструменти кои самата ги правела. Првиот тапан како подарок во петто одделение го добила од нејзината баба.
“Го порачаа од Туркије. Не знаев дека ќе имам тапан. И дојдоа едни пријатели и јас само гледам извадија тапан. Мал тапан. И баба ми ја прашувам чив е тапанот. Ми вели твој е тапанот”, објаснува младата Кавадарчанка.
Тијана освен што се занимава со музика студира економија, а кога може помага и дома околу земјоделските работи.