Претседателот Доналд Трамп е единствениот глобален лидер во моментов кој може да стави крај на руско-украинскиот конфликт, но евентуалната средба со Путин ќе зависи од напредокот во завршувањето на војната, рече американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за независната новинарка Кетрин Хериџ.
Според Рубио Трамп сака да ја заврши војната со Украина и сака да ја тестира посветеноста на Русија на тоа.
“Средба Трамп-Путин нема да се случи додека не знаеме за што ќе биде средбата. Времето на состанокот зависи од напредокот во завршувањето на војната во Украина. Овие состаноци обично ги немате додека не знаете некој исход или не е постигнат некој напредок“, додаде тој.
Ако се постигне напредок и состанокот го запечати договорот, Рубио рече дека сите треба да слават дека претседателот Трамп е миротворец.
Трамп со право е вознемирен од Зеленски
Рубио го поддржа Трамп во ставовите за Зеленски, велејќи:
„Мислам дека претседателот Трамп е многу вознемирен од претседателот Зеленски, и тоа со право“.
Државниот секретар на САД истакна дека тврдењето на Зеленски дека Трамп живее во свет на дезинформации е контрапродуктивно.
„Не дека не ни е грижа за Украина, но Украина е на друг континент. Тоа не влијае директно на секојдневниот живот на Американците. Се грижиме за тоа бидејќи има импликации за нашите сојузници и на крајот за светот. Овде треба да има одредено ниво на благодарност за ова, и кога не го гледате тоа и го гледате како го обвинува претседателот дека живее во свет на дезинформации, тоа е многу, многу контрапродуктивно“, вели Рубио.
Тој, исто така, го обвини Зеленски дека погрешно ја карактеризирал дискусијата што ја имале за предлогот на Трамп дека САД треба да добијат дел од рудното богатство на Украина во замена за нејзината поддршка.
„Разговаравме за ова прашање за правата за минерали и им објаснивме, погледнете, сакаме да бидеме во заедничко вложување со вас не затоа што се обидуваме да украдеме од вашата земја, туку затоа што мислиме дека тоа е всушност безбедносна гаранција“, рече Рубио.