Триесетиот министерски состанок на ОБСЕ се одржува во Скопје / Photo: AA

Соработката во ОБСЕ мора дополнително да се зајакне иако Русија постави огромни пречки на патот на работата во последните година и пол, порача германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во своето обраќање на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.

Бербок, исто така, порача дека нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка.

“Како ниедна друга организација, ОБСЕ се залага за безбедност на повеќе од 1,3 милијарди луѓе, што значи дека тие сакаат да живеат заедно во мир и безбедност и добар економски развој. Фактот дека Русија не успеа да го уништи ОБСЕ е важен придонес за нашиот мировен поредок“, рече шефицата на германската дипломатија, нагласувајќи дека овој поредок на мир мора да продолжи.

И помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан порача дека е потребно да се упати сериозна критика за секој кој има намера да го блокира функционирањето на ОБСЕ, затоа што тоа би било директна закана кон нејзините основни вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе кои се обидуваат да ги уживаат основните човекови права.

Според О'Брајан. ОБСЕ го покажува патот на владите кои работат на промовирање на човековите права и основните човекови вредности.

“Нашето присуство тука не е само привилегија туку и наш избор, бидејќи сме свесни дека секој од нас работи на тоа да ги достигне аспирациите за остварување на основните човекови права, а токму за ова потребна ни е и помош од нашите партнери. Ја поддржуваме Организацијата не само заради нас. Тука сме да бидеме еден за друг, тука сме за најранливата популација во секое општество”, рече О'Брајан.

Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата, како што рече, е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година.

Тој останува на ставот со неговите колеги дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право, како и принципите на оваа Организација.

“Русија продолжува да ги прекршува принципите на ОБСЕ. Се приклучувам кон гласот на моите колеги кои ја повикуваат Русија да ги сопре прекршувањата на основните принципи на Организацијата, но не сум сигурни дека се волни да го слушнат. Верувам дека ОБСЕ ќе напредува и дека Малта како претседавач ќе може да заврши одлична работа во 2024 година”, додаде О'Брајан.

TRT Balkan / агенции
Популарни