Скопје беше избран за европска културна престолнина за 2028 година во конкуренција со Будва / Photo: ТРТ Балкан

Пет години Скопје чекаше на одлуката на Европската комисија за европска престолнина на културата во 2028 година. Кандидатурата беше поднесена во 2018 година за време на мандатот на претходниот градоначалник Петре Шилегов.

Во финалниот избор за европска престолнина на културата Скопје бешe избран пред цгрногорскиот град Будва. Десет независни експерти го предложија потесниот избор и ја донесоа конечната одлука.

Скопје ја претстави кандидатурата под слоганот „Култура над поделбата”. Презентираше програма на која заедно работеа Градот Скопје, министерството за култура и други ресорни институции.

Четиригодишна програма

Програмата според актуелната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска ќе почне да се имплементира од јануари 2024 година. Домашни и европски уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои треба да кулминираат во 2028 година.

„Овој избор е престижно признание за сите нас. Скопје е дел од Европа, а Европа до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста”, изјави Арсовска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека ова е огромен успех за македонската култура и признание за заедничките заложби за заштита на културното богатство.

„Европските експерти ја препознаа посветеноста на сите надлежни институции кои се инволвирани во овој процес за што министерството за култура вложи големи напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето. Институциите заеднички ќе одговорат на овој предизвик”, изјави министерката.

Носител на проектот е Универзалната сала во Скопје.

Од кога датира изборот?

Програмата за Европска престолнина на културата датира уште од 1985 година. Настаната е по идеја на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури.

Од тогаш прераснува во еден од најамбициозните и најценетите културни проекти во ЕУ.

Целта е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики што ги споделуваат и да го поттикнат придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.

Уште два града ќе бидат европски културни престолнини

Во 2028 година културни престолнини на Европа освен Скопје ќе бидат уште два града. Според одлуката на ЕК тоа ќе бидат чешкиот град Чешке Будејовице и уште еден град во Франција кој дополнително ќе биде одреден.

Оваа година титулата престолнини на културата им припадна на Веспрем во Унгарија, Темишвар во Романија и Елфесина во Грција.

Минатата година за европска престолнина беше прогласен и Нови Сад во Србија, а во 2025 година тоа ќе биде и Нова Горица во Словенија.

TRT Balkan
Популарни