Бугарија воведе такса од 10 евра за транспорт на киловат час руски природен гас низ бугарскиот гасовод / Photo: AA

Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши најави дека земјата ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија доколку се воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија и не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С Македонија.

Новиот конфликт на Блискиот Исток предизвика зголемување на цените на енергенсите и воведување такса од 10 евра од страна на Бугарија за транспорт на киловат час руски природен гас низ бугарскиот гасовод.

„Ослободувањето на капацитетите е обврска на Европската Унија согласно начелата за целосна либерализација на пазарите. Не може да се воведе такса само за една држава. Во делот на гасоводот на Бугарија со Србија не се закупени капацитетите од страна на „Гаспром“ што значи дека Србија може да користи и други извори освен рускиот гас, а во случајот на нашата држава сами го имаат дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Гаспром“ до 2030 година, освен последните што лани беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите“, изјави Бектеши.

Капацитетите на гасоводот, како што посочи Бектеши, не се закупени од „Гаспром“ на нашата територија, туку на територија на Бугарија која воедно е и територија на ЕУ.

„Затоа доколку не се ослободат капацитетите ќе бараме оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата, рече Бектеши.

Тој истакна дека додека е министер за економија нема да прифати никаква уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата.

„Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите не само кон нашата држава, туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука. Во случај да не ги ослободат капацитетите, ќе ги користиме моменталните капацитети што ги имаме и ќе бараме дополнителни отштети од Бугарија и Европската унија, бидејќи бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување на дополнителни такси. Одлуката на Бугарија е нивна внатрешна одлука, но треба да се има предвид и јасно и отворено да им се каже дека ако носат такви одлуки треба да носат и други одлуки со кои ќе се ослободат капацитетите за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со Северна Македонија, нагласи Бектеши.

Претходната година, како што посочи, се ослободени одредени капацитети во делот на гасоводот што го имаме со Бугарија, но тие не се доволни за побарувачката и потребите на земјава.

Бектешои нагласи дека е во постојан контакт со компаниите и дека веќе реагирал кај Енергетската заедница и кај Европската комисија за проблемот со новата такса во Бугарија.

Најави дека до крајот на годината ќе почне изградбата на гасоводот со Грција кој, како што кажа, е приоритет и е поддржан од страна на ЕБОР и од стратешките партнери.

TRT Balkan / агенции
Популарни