Блокада на улиците во Скопје поради францускиот предлог     Фото: АА

Граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија денеска продолжија со блокада на улиците околу Владата.

Блокадата се одржа од 13 часот до 14 часот во Скопје пред Владата на Република Северна Македонија, а беа најавени и блокади на неколку локации, меѓу кои магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.

Во текот на блокадата се обрати пратеникот од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Народот јасно ја повикува Владата и државното раководство да каже „не“ на ултиматумот. Да не се обидува преку обиди во Парламентот да протурка нешто, каде што имаат гласачка машинерија од група пратеници за кои знаеме дека ќе гласаат во согласност со нивните барања. Власта е одговорна пред овој народ. Власта не смее да ги распродава националните македонски интереси, туку е должна да ги брани“, изјави Ковачки.

Демонстрантите најавија дека ќе продолжат со протестите в недела, во 19:00 часот.

Вчера, Владата на Северна Македонија соопшти дека предлог-преговарачката рамка за земјата со Европската Унија (ЕУ), претставена од француското претседателство со ЕУ, е проследена до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес, најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.

Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот, и според него, ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни кое ќе донесе почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), .

Францускиот предлог е документ кој треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

AA
Популарни