Најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи со цел да организира референдум во врска со Договорот со Бугарија. Така одлучи раководството на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека ќе започне со постапката која најпрво треба да ја одобри Собранието со 100 потписи за граѓанска иницијатива.
Потоа законскиот услов е да се соберат најмалку 150.000 потписи во предвидениот рок, по што Собранието треба да распише референдум за директно изјаснување на граѓаните.
„На оваа иницијатива прво потпишан ќе бидам јас, Извршниот Комитет на партијата, пратениците. Потоа очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата, по што ќе започнат роковите за собирање на 150.000 потписи за распишување на задолжителен референдум“, посочи Христијан Мицкоски претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, најголемата опозициска партија не е против вметнување на Бугарите како етничка заедница во Уставот, туку е против прифаќање на уцените од источниот сосед за отстранување на ветото за отпочнување преговори за членство во Европската Унија.
Референдумското прашање ќе гласи: Дали сте за напуштање на важноста на законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. На овој начин опозицијата зазема став со кој целосно се противи на договорот кој беше склучен во 2018 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат успешно собирање потписи и дека нема да се соочат со опструкции во Собранието каде мнозинството го имаат СДСМ и ДУИ кои го прифатија предлогот на претседателот Емануел Макрон на последниот ден од француското претседателство со ЕУ.
За референдумот да биде успешен потребно е да излезат најмалку 50% плус 1 гласач од запишаните избирачи.
Земјата е обврзана да направи уставни измени пред да ги започне преговорите за членство во ЕУ како и да ги прифати заклучоците кои ќе произлезат од заедничката комисија за историја за измени во учебниците и заедничко чествување на личности од минатото.