Скопје: Протест против францускиот предлог за евроинтеграции     Фото: АА

„Туѓото не го сакаме, своето не го даваме“, „Не за ЕУ“, „Ултиматум, не благодарам“ беа дел од паролите кои ги извикуваа илјадниците граѓани присутни вчера на протестот во Скопје против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Побараа од Владата да не го прифати францускиот предлог бидејќи сметаат дека „иднината не се менува на подобро ставање на ‘капитулантски потпис’.“

Пред присутните пред Владата се обрати лидерот на опозициската ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека на земјата не ѝ е потребна Европа ако нејзиниот народ треба да се асимилира.


Фото: AA

„Мене ме интересира пораката на овие илјадници луѓе овде. А тоа е не за последниот предлог. Ќе почекаме ако Европа не е подготвена да нè прими нас, цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе коишто го разбираат она коешто ние денеска сакаме да го кажеме, а тоа е Македонија пред и над сè, македонскиот идентитет пред и над сè“, истакна Мицкоски.

Во претходните денови тој истакна дека новиот француски предлог е ист како и претходниот, кој беше одбиен од македонската Влада. Според Мицкоски, предлогот ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“, по што тој повика на протести пред Владата на РСМ.

Еден од учесниците на протестот, Тони Стојановски, во своето обраќање истакна дека граѓаните се собраа за да испратат порака дека „Македонија не била и никогаш нема да биде на продажба“.

„Македонци мои, тука сме да ги охрабриме тие што се дома, а мислат како нас, како и да ги предупредиме нашите од државното раководство, тие што веќе в рака го имаат пенкалото за потпис на услови со кои не се согласуваме. Мастилото може да ја зацрни хартијата, но нашата македонска душа ќе остане чиста“, изјави Стојановски.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна нов предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.

Фото: AA

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на прес-конференција во петокот изјави дека новиот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградени ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

AA
Популарни