Северна Македонија од Бугарија во текот на зимата ќе купува поевтина струја за стопанството. Ова денеска во Софија го договорија македонскиот премиер Димитар Ковачевски и привремениот претседател на бугарската влада Галаб Донев.
Увозот на струја ќе започне во последниот квартал и ќе трае до 31 март. Двајцата премиери потврдија дека работна група ќе биде формирана за утврдување на количеството и цената на струјата.
„Во однос на цените ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија, на ЕУ и на Северна Македонија. Разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е земја извозник на електрична енергија благодарение на капацитетите што ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарната централа”, изјави Ковачевски.
Според Донев се работи за околу 200 мегават часови.
„Бидејќи имаме големи капацитети како за потребите на економијата така и за домаќинствата станува збор за 200 мегават часа пренос на енергија за периодот до 21 март 2023 година”. Изјави Донев.
Финалниот договор се очекува за околу две недели. Бугарија исто така ќе обезбеди складишта за течен гас за Северна Македонија.
Со Ковачевски во Софија беа министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за надворешни работи Бујар Османи и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.