Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции за нејзино можно загрозување, оценија на денешната седница членовите на Советот за безбедност на Северна Македонија.
Како што информираат од кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски надлежните претставници на институциите информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот на Косово.
„Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евро-атлантскиот простор. На седницата на Советот за безбедност беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност”, се вели во соопштението.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање.