Бригадите Ал-Касам, военото крило на палестинската група Хамас денеска го објавија одложувањето на планираното ослободување на израелските заложници, наведувајќи ги израелските „прекршувања“ на договорот за прекин на огнот во Газа.
„Во текот на изминатите три недели, раководството на отпорот ги надгледуваше прекршувањата на непријателот и неуспехот да се придржува до условите од договорот, вклучително и одложување на враќањето на раселените луѓе во северниот дел на Газа, таргетирање на нив со гранатирање и пукање низ различни области на Појасот и спречување на влез на хуманитарна помош во сите нејзини форми, додека отпорот го испочитува договорот се истакнува во изјавата на Телеграм на портпаролот Абу Обаида.
Тој рече дека групата останува посветена на договорот „се додека“ Израел „се придржува до неговите услови“.
Во меѓувреме министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, денеска и нареди на армијата да се подготви на „највисоко ниво на готовност“ за секое можно сценарио во Газа, откако Хамас го одложи ослободувањето на заложниците.
Кац рече дека соопштението на Хамас претставува „целосно кршење“ на договорот за примирје.