Бислими и Петковиќ последен пат се сретнаа во октомври, кога не беше постигнат конкретен резултат во спроведувањето на Бриселскиот договор и Охридскиот анекс / Photo: AA

Косово и Србија постигнаа договор за целосно спроведување на заедничката изјава за исчезнатите лица во војната.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, по опсежните преговори со кои претседаваше претставникот на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак, вчера во Брисел се договорија за формирање Мешовита комисија за исчезнати лица, која ќе се формира во согласност со усвоената Декларација за исчезнати лица, соопштија од Службата за надворешни работи на ЕУ.

„Се договоривме да ја прифатиме декемвриската верзија на проектните задачи за заедничката комисија, кога Србија ги презентираше пречките и се чини дека сега ги отстранија, па мислам дека сега можеме да продолжиме понатаму. Првиот состанок на оваа заедничка Комисијата ќе се одржи следниот месец“, рече Бислими.

Тој рече дека Србија ветила дека нема да има тенденција за попречување на работата на оваа заедничка комисија, која од јануари ќе почне да се занимава со овие прашања.

Во 2023 година Косово и Србија постигнаа договор за заедничка Декларација за исчезнати лица, како дел од дијалогот за нормализација на односите, со посредство на ЕУ.

Страните во оваа декларација се обврзаа на целосен пристап до веродостојни информации, вклучително и оние со доверлив статус, ставајќи ги на располагање сите важни документи за утврдување на судбината на исчезнатите, како и заедничка работа преку комисијата предводена од ЕУ.

Досега ништо од тоа не е спроведено во пракса.

Во Косово се уште не се знае судбината на околу 1.600 исчезнати лица од периодот на минатата војна.

Бислими и Петковиќ последен пат се сретнаа во октомври, кога не беше постигнат конкретен резултат во спроведувањето на Бриселскиот договор и Охридскиот анекс.

TRT Balkan / агенции
Популарни