ОБСЕ е безбедно. Ние ја спасивме организацијата и нејзината функциналност за луѓето. Сите членки се согласија за изборот на Малта како следен претседавач и за продолжување на мандатите на генералниот скретар и на трите институции во рамки на Организацијата, изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ и шеф на дипломатијата Бујар Османи на завршната прес-конференција на 30. Министерски совет на ОБСЕ што изминатите три дена се одржа во Скопје.
Тој и честиташе на Малта изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во предизвикувачки времиња, како и за посветената работа на генералната секретарка и високите претставници за национална малцинства и за слобода на медиуми и на шефот на Канцеларијата на ОДИХР, посакувајќи им упешно да ја продолжат работата.
„Ова е најголемиот политички настан на наше тло и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен”, рече Османи.
На новинарско прашање дали имало пазарење со Русија во постигнувањето на договорите на Министерскиот состанок, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква тешка година се донесени одлуки со едногласност, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.
„Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата”, рече Османи.
Новиот претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг истака дека фокусот мора да биде на ставање крај на војните и конфликтите.
„Руската агресија врз Украина мора да запре”, рече Борг.
Според Борг неговиот избор за претседавач е доказ за заложбата за зајакнуваме организацијата и спрвување со предизвиците.
„Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои”, рече Борг.
На завршната прес-конференција се обрати и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.