Османи ѝ се заблагодари на Романија за поддршката што ѝ ја дава на Северна Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ / Photo: AA

Министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, престојува во работна посета на Северна Македонија, каде што беше пречекана од колегата Бујар Османи.

Двајцата министри одржаа тет-а-тет средба, по која следуваше билатерална средба помеѓу делегациите на двете земји.

На заедничката прес-конференција министерот Османи рече дека Романија наскоро одбележува 17 години од приемот во Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека таа е земја пример за придобивките што ги носи зачленувањето во Унијата.

Тој, исто така, ѝ се заблагодари на Романија за поддршката што ѝ ја дава на Северна Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ.

„Денес потпишавме два важни документа: Акциски план за соработка помеѓу двете министерства за надворешни работи за периодот 2024-2025 година и Протокол за соработка во областа на образованието. Заемно заклучивме дека одличните политички односи треба да бидат проследени со соодветна економска соработка за која постои голем потенцијал“, рече Османи.

Тој, исто така, рече дека со министерката Одобеску споделува ист став за ситуацијата во регионот, насочен кон зачувувањето на мирот и стабилноста.

Министерката Луминица Одобеску во својот говор рече дека ова ѝ е прва посета на нашата држава.

„Мојата денешна порака е многу јасна. Романија силно ја поддржува целта на Северна Македонија за членство во ЕУ. Романија и Република Северна Македонија се силни партнери во регионот. Имаме многу силни културни врски, споделуваме богата заедничка историја и извонредна традиција. Сето ова им додава суштина и вредност на длабоките врски помеѓу нашите два народа", рече Одобеску.

Таа додаде дека Северна Македонија претставува важен трговски партнер на Западен Балкан и е фактор во подем.

Одобеску додаде дека двете земји споделуваат слични интереси кога е во прашање регионалната стабилност и сигурност, вклучително и како сојузници во НАТО-алијансата.

AA
Популарни