Османи ќе оствари и билатерални средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на покана на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, денес учествуваше на Министерската конференција насловена „Проширена, посилна Унија” во Берлин, организирана од Сојузното министерство за надворешни работи, пренесува Анадолу.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави соопштение во врска со оваа тема.

„Северна Македонија е лакмус тест за кредибилитетот на Европската Унија. Од ставовите на Јункер до оние на Фон дер Лајен од пред неколку дена, можам емпириски да посведочам дека Европа денес е соочена со геополитичко будење, кое треба да обезбеди геостратегиска инвестиција во безбедноста на ЕУ“, истакна Османи.

„Во своето обраќање Османи се осврна на концептот 'Повеќе интеграција пред членство во ЕУ', како еден од модалитетите како ефективно да фатиме чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да го премостиме јазот што моментно се зголемува наместо да се стеснува. Наедно уште еднаш го поздрави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој се дополнува со овој концепт“, се наведува во соопштението.

Што се однесува до дебатата за потребата од внатрешни реформи со цел земјите да бидат подготвени за прием како нови членки во догледна иднина, Османи рече дека тие треба да се третираат како комплементарни со проширувањето, а не како едната да ја исклучува другата или да биде предуслов.

„По 20 години од Солунската агенда потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сѐ или ништо, каде што една земја сѐ додека не е членка на Унијата не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција“, додаде тој.

Османи се обрати на првиот дел од Конференцијата заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на Словенија, Тања Фајон, и на Украина, Дмитро Кулеба.

Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготвеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржа непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.​​​​​​​

На маргините на Конференцијата Османи ќе оствари и билатерални средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот.

AA
Популарни