Таа истовремено порача дека мора да продолжи борбата против корупцијата и да продолжат реформите во насокка на независност на правосудството

Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување. Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, порача денеска во Скопје претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Околу тоа дали 2030 е достижна цел за завршување на обврските на земјите од Западен Балкан и спроведување на реформите во ЕУ според фрнацуско – германскиот предлог, Фон Дер Лајен рече дека работите во Унијата се менуваат на подобро и дека е забележителна динамика во процесот на проширување.

“Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа вие треба да се подготвите и ние треба да се подготвиме. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба ние да направиме за да бидеме подготвени, кои се прашањата што се отворени, кои се одговорите што треба да ги дадеме. Ова не беше случај во текот на минатиот мандат. Овој процес не е толку строг. Тој се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум. Може да бидете и побрзи”, нагласи Фон дер Лајен.

Во однос на уставните измени што се неопходни за следната фаза во преговорите, таа рече дека Северна Македонија е суверена држава којa одлучува што ќе направи.

“Изборот е ваш. И затоа, вистина се надевам дека сите страни, сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство”, истакна Фон Дер Лајен. Таа истовремено порача дека мора да продолжи борбата против корупцијата и да продолжат реформите во насокка на независност на правосудството.

Според македонскиот премиер Ковачевски постои историска шанса со донесување на потребните одлуки во Собранието да се обезбеди европска иднина за државата. Ковачевски ја повика опозицијата како што рече, да не прави рејтинг на сметка на државата.

“Јас се надевам дека оние кои секогаш во историјата биле против европските и атлантските интеграции на држава конечно за прв пат во своето политичко постоење ќе покажат во Парламентот дека се за европска иднина на државата. Сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце пред сегашните и идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, не се прави политчки личен рејтинг”, рече Ковачевски.

Економијата тема на разговорите

Ковачевски и Фон дер Лајен разговараа и за економски прашања. Конкретно за планот на ЕУ за раст за Западен Балкан од кој државите треба да почувствуваат придобивки уште пред да бидат членки на Европската унија.

Фон дер Лајен ги спомена инвестициите во соларните централи и помошта за справување со енергетската криза. Според Ковачевски планот ќе овозможи раст на економиите во регионот од десет проценти. Можностите како што истакна Ковачевски ќе бидат уште поголеми со пристапувањето на единствениот европски пазар.

Со посетата во Скопје Фон дер Лајен ја почна турнејата низ земјите од Западен Балкан. Таа ќе ги посети и Белград, Приштина и Сараево.

TRT Balkan / агенции
Популарни