Собранието на Северна Македонија ги усвои заклучоците за францускиот предлог

На 81. Седница на Собранието се расправаше по Информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската унија, на 30 јуни 2022 година. Од 120 пратеници колку што брои Собранието, на гласањето беа присутни 69, од нив „За“ гласаа 68 пратеници, а ниту еден "Против" и ниту еден воздржан. Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, иако присуствуваше на гласањето, не гласаше за усвојувањето на заклучоците. Со заклчучоците кои беа усвоени, треба да се откочат евроинтеграциите на Северна Македонија.

Не гласаа пратениците од опозицијата

Пратениците од опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата во Собранието ја напуштија собраниската сала и не гласаа за заклучоците.

Во меѓувреме, додека се дискутираше во Собранието, група граѓани протестира пред Собранието против францускиот предлог со паролата „Ултиматум, не благодарам“.

Во Собранието пратениците дебатираа три дена за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Во текот на дебатата имаше меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата, при што на моменти добиваше тензичен контекст.

Од владејачкиот табор истакнуваа дека преговарачката рамка нуди полноправно членство во ЕУ и дека македонскиот јазик и идентитет се загарантирани.

Мицкоски: Ништо не е готово

Откако беа изгласани заклучоците во Собранието, прес-конференција одржа лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој истакна дека во „протоколот изрично се содржат барањата за бугаризација“, како и дека „сега бугарските асимилаторски барања за промена на учебниците, за преиначување на историајта стануваат услов за влез во ЕУ и додека тие не се исполнат нема почеоток на преговори.“

Според него, иако заклучоците се изгласани во Собранието, „сѐ уште ништо не е готово.“

„Информацијата која помина во Собранието нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата, но затоа обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите во него, нема да помине во македонското Собрние. За тоа гаранција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, изјави Мицкоски и порача:

„Уставот нема да се смени, преговарачката рамка нема да биде прифатена.“

Откако се изласани во Собранието на Северна Македонија, заклучоците се испраќаат на усвојување до Владата на Северна Македонија.

Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ беше предложена од француското Претседателство со Советот на ЕУ на 30 јуни оваа година, по што следуваше процес на консултации помеѓу политичките партии во врска со францускиот предлог. Истовремено, во изминатите денови се одржуваа и протести на граѓаните кои се спротивставија на прифаќањето на францускиот предлог.


Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, која бараше промена на методологијата за пристапните преговори со ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни