Енергетската безбедност ќе заземе клучно место во приоритетите на претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија во 2023 година.
Ова , образложувајќи ја рамковната платформа пред амбасадорите во Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, го истакна македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Вклучувањето на енергетската безбедност во приоритетите според него е навремена одлука која е поддржана од сите земји учеснички.
Османи притоа повтори дека кризата предизвикана со воената агресија на Русија врз Украина и улогата на Организацијата за намалување на далекусежните последици од кризата претставува најтешкиот предизвик за функционалноста на ОБСЕ.
„Основната карактеристика на ОБСЕ е сеопфатниот пристап на безбедноста. Со руската агресија на Украина излезе на површина улогата на енергијата и изворите на енергија во одржување на безбедноста. Улогата на претседавачот е да ја наметне темата и да ја насочи организацијата кон изнаоѓање решение”, истакна министерот за надворешни работи на Северна Македонија.
Министерот посочи дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на Организацијата и дека тие имаат повеќекратна цел, да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите.
Претседавањето со ОБСЕ за Северна Македонија според Османи е голем успех за македонската дипломатија. Северна Македонија го презема претседавањето во 2023 година од Полска, а во согласност со утврдениот формат оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.