Блинкен на средби со македонскиот државен врв во пресрет на официјалниот почеток на Министерскиот совет на ОБСЕ / Photo: МИА

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје допатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, попладнево се сретна со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

Со ова започнува учеството на американскиот државен секретар на состанокот на ОБСЕ. Планирано е потоа тој да учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет, кој официјално почнува утре.

“Прекрасно е да се биде во Северма Македонија со сите наши колеги. Доаѓам од НАТО што е соодветно бидејќи Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите сојузници во Алијансата, и тоа секојдневно го гледаме”, изјави Блинкен на средбата со Османи.

Тој истакна дека земјата може да смета на поддршката од Вашингтон во напорите за зајакнување на демократските институции и енергетската диверзификација.

“Силно ја поддржуваме работата која ја правите за зајакнување на демократските институции. Силно ја поддржуваме и вашата работа за енергетска диверзификација во регионот и пошироко, што мислам дека има голем импакт. Во сето тоа можете да сметате на САД како силен партнер”, нагласи американскиот државен секретар.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

TRT Balkan / агенции
Популарни