Поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека повторно ќе се кандидира на претседателските избори во САД во 2024 година.
„За Америка повторно да ја направам голема и славна, вечерва ја објавувам својата кандидатура за претседател на Соединетите Американски Држави, рече Трамп за време на настан кој во ударен термин се одржа во неговата вила на Флорида.
Состојбата во која се наоѓаат САД во моментов, Трамп ја опиша како ужасна.
„Во голема неволја сме. Ова не е задача за политичари или конвенционален кандидат. Ова е задача за големо движење кое ја претставува храброста, самодовербата и духот на американскиот народ”, изјави тој.
Минатата недела Трамп рече дека ќе најави нешто големо од неговата вила пред изборите за Сенатот и Претставничкиот дом. Многумина очекуваа дека тоа ќе биде претседателска кандидатура.
„Наместо Америка да ја ставиме на последно место како што направи администрацијата на Бајден. Ние повторно Америка ќе ја ставиме на прво место. Естаблишментот во Вашингтон сака да не замолчи, но ние тоа нема да го дозволиме. Она што заедно го изградивме во изминатите шест години е најголемиот пресврт во историјата, бидејќи не се работи за политика. Се работи за нашата љубов кон оваа голема држава”, рече поранешниот американски претседател.
Трамп беше претседател на САД од 2016 до 2020. На изборите во 2020 изгуби од кандидатот на демократите Џо Бајден.