Фатмир Битиќи и Перо Костадинов се првите функционери на СДСМ кои понесоа лична одговорност за изборните порази / Фото: СДСМ

Перо Костадинов и Фатмир Битиќи си поднесоа оставки од функцијата потпретседател на СДСМ по високиот пораз на двојните избори.

Фатмир Битиќи, актуелен заменик министер за економски прашања, се повлекува од партиската функција, со повик тоа да го стори и останатиот дел од раководството по постигнатиот историски најслаб резултат на едни избори на оваа партија.

„Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија - ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме“, рече Битиќи во видео обраќањето.

Почитувани граѓани и граѓанки Стојам пред вас со благодарност, но и со чувство кое ги надминува резултатите од...

Posted by Fatmir Bytyqi on Wednesday, May 8, 2024

Перо Костадинов, актуелен градоначалник на општина Валандово, исто така ја прифати одговорноста за изборните резултати.

„Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас“, порача Костадинов.

СДСМ на парламентарните избори според досегашните обработени податоци на Државната изборна комисија освои 18 пратенички мандати или 15,36% од гласовите.

Исто така пораз претрпе и досегашниот претседател Стево Пендаровски кој и на овие избори настапи со поддршка на коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ.

TRT Balkan / агенции
Популарни