Премиерот Талат Џафери, при давање отчет за 100 дена од функционирањето на т.н. техничка влада, истакна дека главната цел на ова тело е постигната, и дека се организирани и одржани „европски избори во слободни, мир, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга“.
„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на претседателските и парламентарни избори. Ова е обврска доверена согласно Уставот и законите и јас како премиер и Владата доследно ја исполнивме. Потврда на моите зборови се и честитиките и изразите на почит на нашите европски партнери. Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт, тогаш тоа се изборите“, рече Џафери.
Техничкиот премиер, чиј мандат ќе трае до формирање на новата влада, исто така посочи дека дале придонес за европското поведение на земјата која се стреми да стане членка на ЕУ.
„Продолживме по стратешкиот евроатлантски колосек, којшто е од највисок државен интерес. Учествував на важни меѓународни настани, со цел афирмација на стратешките евроатлантски определби. Реализирав бројни средби на значајни меѓународни настани, со високи претставници на Стејт Департментот, на државите членки ЕУ, со премиерите од Западен Балкан“, посочи Џафери.
Тој изрази благодарност до институциите и до граѓаните затоа што, како што рече, беа на висина на одговорноста и придонесуваат кон заложбите државата да напредува според европските вредности.
Не сакаше да ги коментира политичките процеси во смисла на тоа кој ќе ја формира новата влада, оставајќи на партиите кои освоија мандати во новиот парламентарен состав да донесат одлука за формирање на собраниско мнозинство и избор на новиот владин кабинет.