Институциите подготвени да спроведат безбедени и регуларни избори

Државните институции задолжени за правдата и редот истакнаа дека се подготвени за одржување на претстојните претседателски избори.

„Во врска со претстојните избори денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок на кој присуствуваа дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење на евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами“, соопштија од МВР.

На состанокот министерот Тошковски се заблагодарил за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите чинители кои се одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцирал дека досега не се констатирани посериозни активности кои се насочени кон нарушување на истиот. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации кои се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден, се вели во соопштението.

Од страна на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Бојмацалиев беше потенцирана тенденцијата од година во година да имаме сѐ помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.

Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со Оперативната акција Претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на Оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.

Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање на сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.

Републичкиот јавен обвинител, претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење на евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на обвинителството, каде определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности кои се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.

AA
Популарни