Коридорот 8 и 10 д се од исклучително значење за економскиот развој на Северна Македонија / Photo: МИА

Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции – отворање на нови пазари, можности за нови соработки како помеѓу домашните така и со меѓународните компании, порача премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на означувањето на почетокот на градбата на автопатската делница од Тетово до Гостивар, која е дел од Коридорот 8.

Изградбата на Коридорот 8, според Ковачевски, значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија како и економски и регионален развој на земјата и поврзување на државата со другите земји од Европа.

„Денешниот настан е почеток на сериозен и стратешки и државнички подвиг чија придобивка и благодет ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земја, но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридорот 8 и на сите кои ќе минуваат низ него, рече Ковачевски во поздравниот говор.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој е и претседател на Комитетот за изградбата на Коридорот 8 изјави дека е многу горд што конзорциумот предводен од „Бехтел и Енка“ ќе ги гради Коридорот 8 и 10 д.

Американската амбасадорка Анџела Агелер истакна дека денеска е посебен ден за Северна Македонија за Западен Балкан и за цела Европа, но е и многу голем ден и за САД и за американскиот бизнис во Северна Македонија.

„Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи, рече Агелер.

Шон Кени од конзорциумот „Бехтел и Енка“ се заблагодари за дадената доверба за изградба овој значаен инфраструктурен проект.

„Испорачуваме резултати за нашите клиенти. Имаме долга историја на успешно завршени автопати на Балканот. Ова партнерство високо го вреднува целиот проект и ќе ги користиме локалните добавувачи, ќе обезбедиме вработување на локалното население, како и долгорочно снабдување на градежни работници коишто ќе ни бидат достапни и за идните градежни потфати, рече Кени.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека овој камен-темелник е доказ за посветената работа на институциите.

Вредноста на договорот за изградба на Коридорот 8 и 10 д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од 110 километри.

TRT Balkan / агенции
Популарни