Во светот на фудбалот на прсти се бројат голмани кои постигнувале голови и со тоа останале препознатливи кај љубителите на втората најважна споредна работа на светот.
Иако има само 10 години, Аријан Алити од Скопје со своите одлични голмански вештини, но и со способноста да постигнува погодоци од далечина од најмалку 50 метри го привлече вниманието не само кај стручната фудбалска јавност, туку и пошироко.
„Почнав да играм фудбал од три години бидејќи фудбалот ми беше интересна игра. Играв со моите другари во училиште, во маало…“, раскажува Аријан за своите почетоци во интервјуто за ТРТ Балкан. До неодамна Аријан бил голман во фудбалскиот клуб „Фортуна“ во Скопје, а сега е дел од клубот Евроспорт.
Како голманот успева да биде и голгетер?
Со својот талент, но и со својата упорност, Аријан успева во континуитет да оствари впечатливи настапи на натпреварите каде неретко тој е играчот на натпреварот. Но, она што кај многумина буди голем интерес е како тој успева да постигнува голови како голман.
„Првпат сакав да центрирам на другар ми со кој игравме фудбал на натпревар. И шутнав и дадов гол и така падна идејата. И секојпат шутирам и сега давам гол на секој натпревар“. Со овие зборови Аријан открива како дошол до идеја да го постигне првиот голмански погодок. Но, не застанал тука, радоста што ја носеле победите на наптреварите за него била голем мотив да продолжи да биде добар чувар на голот, но и да се обидува да го совлада голманот од спротивниот тим.
„Јас го вежбам шутот на стадион. Шутирам. Имам 4-5 топки и само шутирам, го тренирам шутот“, вели Аријан, објаснувајќи дека треба да се има идеја „како и колку ќе се шутира топката за да заврши во мрежат на противникот“. Досега постигнал околу 50 голови од позиција на голман со што ги руши рекордите на светско ниво.
За своите одлични настапи, неколкупати е прогласуван за најдобар голман од ФФМ, а освојува и медали и признанија за најдобар голман на регионални и меѓународни турнири. За тоа сведочат бројните награди, медали, пехари, признанија и благодарници од бројни турнири во земјата, регионот но и пошироко. Во интервјуто за ТРТ Балкан, голманот Аријан потенцира дека го радуваат тренинзите, натпреварите, турнирите и патувањата.
Со сето ова вели тој, стекнува бројни пријателства со деца од негова возраст, што му претставува вистинско задоволство.
Со цел да ги унапреди и усоврши своите голмански вештини и способности, веќе една година Аријан посетува специјални индивидуални тренинзи за голмански техники во Академијата „Ивановиќ“ во Скопје.
Освен што ја има формулата како од позиција на голман да постигнува голови и да ниже рекорди, Аријан има и желба - да биде голман на еден од најдобрите светски фудбалски клубови Барселона.
„Мојот омилен голман е Тер Штеген. За 10 години сакам да бидам голман на Барселона“, надежно вели младиот Аријан.