Белград ќе биде домаќин на Светското првенство во крос / Photo: Reuters Archive

Наместо во Медулин и Пула, Светското првенство во атлетски крос 2024 година ќе се одржи во Белград, објави организацијата „World Athletics“ на своите официјални станици на социјалните мрежи.

Светското првенство во крос требаше да се одржи во февруари идната година во Истра, меѓутоа, Меѓународната атлетска федерација на Хрватска и го одзеде домаќинството поради финансиската несигурност на проектот.

„World Athletics“ во соопштението за одземањето на домаќинството наведува дека подготовките за одржување на натпреварувањето не биле доволно напреднати за првенството да се одржи во Хрватска.

Хрватската атлетска федерација го обвини АК Маратон 2000 за пропусти во организацијата, додека локалните организатори за се ја обвинија Федерацијата и нејзиниот претседател Иван Вештиќ.

Откако успешно беше домаќин на Светското првенство во атлетика во сала во 2022 година, Белград сега ќе биде домаќин на уште едно големо атлетско натпреварување.

„Белград се покажа како доверлив домаќин на натпревари од светска класа. По незаборавното светско првенство во сала во 2022 година, уверени сме дека организацијата на Светското првенство во крос кантри во 2024 година е во сигурни раце“, изјави Себастијан Коу, претседател на „World Athletics“.

Светското првенство ќе се одржи на 30 март во Паркот на пријателството, покрај реката Дунав во срцето на Белград, каде е одржано и Европското првенство во 2013 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни