Француската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на ЕУРО совладувајќи ја Белгија со 1:0 (0:0) во Дизелдорф.
Автоголот на Јан Вертонген во 85. минута ѝ донесе победа на Франција и пласман во четвртфиналето во кое ќе игра против подобриот од натпреварот меѓу Португалија и Словенија што се игра вечерва од 21 часот во Франкфурт.
Французите на ЕП покажаа голем број дупки во играта, а против Белгијците дури покажаа целосна офанзивна слабост. Од друга страна, и по 43 години, Белгија ќе остане без победа над Франција на официјални натпревари, иако беа рамноправен противник денеска во Дизелдорф.
Франција досега постигнаа три гола на ЕУРО, од кои два автоголови, заедно со пеналот на Килијан Мбапе.
Двете селекции го започнаа натпреварот многу претпазливо, особено Белгијците, па Франција ја имаше првата шанса за гол на натпреварот. Кунде нафрли, а Маркус Турам со глава шутираше поред голот.
До крајот на првото полувреме Франција имаше уште една шанса. Мбапе му асистираше на Чуамени, кој шутираше над голот.
Французите многу посериозно го започнаа вториот дел, па веќе во 49. минута уште еден удар на Чуамени беше сопрен од голманот Коен Кастелс.
Две минути подоцна Турам шутираше над гредата, а Мбапе упати шут во 53. мМинута кој помина над голот.
Во 71. минута конечно во мечот се појави Ромелу Лукаку. По една убава и прецизна акција, најдобриот белгиски напаѓач упати силен удар дијагонално од десет метри, кој голманот Маињан брилијантно го одбрани.
Во 83. минута најдобрата прилика за Белгија. Доку го проигра Де Брујне кој шутираше од десетина метри, но Маињан повторно ја спасува Франција.
Казната дојде во следниот напад, кога Коло Муани упати слаб и невешт удар, па топката му се удри во другата нога и го погоди дефанзивецот Јан Вертонген и го измами голманот.
Тоа беше единствениот гол на натпреварот и покрај очајните напади на Белгијците.