Од ФИФА се бранат дека актуелниот календар бил едногласно одобрен од Советот на ФИФА по опсежни консултации со ФИФПРО и телата на лигата

Европските лиги и Меѓународната организација на професионални фудбалери (ФИФПРО) најавија жалба до антимонополските регулатори на ЕУ против меѓународниот календар на натпревари на ФИФА.

Потегот на двете тела следи по правната постапка на синдикатот на англиските, француските и италијанските играчи против ФИФА за истото прашање во Стопанскиот суд во Брисел минатиот месец.

Во наредните недели ќе биде поднесена жалба до Европската комисија, која делува како тело за спроведување на пазарната конкуренција во ЕУ, изјави лице кое има директно знаење за ова прашање.

Европските лиги и ФИФПРО Европа веруваат дека меѓународниот календар на натпревари сега е презаситен, стана неодржлив за националните лиги и претставува ризик за здравјето на играчите.

„Жалбата ќе објасни дека однесувањето на ФИФА го прекршува правото на ЕУ за конкуренција и особено претставува злоупотреба на доминацијата. ФИФА има двојна улога и како глобален фудбалски регулатор и како организатор на натпревари. Ова создава конфликт на интереси“, велат тие.

Меѓународната фудбалска асоцијација сe брани дека актуелниот календар беше едногласно одобрен од Советот на ФИФА по опсежни консултации, во кои беа вклучени ФИФПРО и телата на лигата.

„Календарот на ФИФА е единствениот инструмент кој гарантира дека меѓународниот фудбал може да продолжи да опстојува, коегзистира и напредува заедно со домашниот и континенталниот клубски фудбал“, изјави портпаролот на ФИФА.

„Некои лиги во Европа, самите организатори и регулатори на натпревари, дејствуваат во комерцијални интереси, лицемерно и без да внимаваат на сите останати во светот. Тие лиги очигледно претпочитаат календар исполнет со пријателски и летни турнеи, кои често вклучуваат обемни глобални патувања“, додаде ФИФА.


TRT Balkan / агенции
Популарни