Клубовите ширум светот во машкиот фудбал потрошија рекордни 2,2 милијарди евра во јануарскиот преоден рок во 2025 година, што е за речиси 58 отсто повеќе од минатата година, објави денеска Светската фудбалска федерација (ФИФА).
ФИФА истакна дека сумата на потрошени пари е за 47,1 отсто поголема од претходниот рекорд поставен во јануари 2023 година, кога во зимскиот преоден рок беа потрошени вкупно 1,5 милијарди евра.
Во овогодинешниот зимски преоден рок беше соборен уште еден рекорд на меѓународната сцена, а ова е вкупниот број на завршени трансфери, кој според податоците на ФИФА изнесува 5.863. Тоа е зголемување од 19,1 отсто во однос на минатогодишниот рекорд за најголем број играчи кои менуваат клубови во јануарскиот преоден рок.
Се разбира, како и обично, англиските клубови потрошија најмногу овој јануари, кои платија околу 600 милиони евра за аквизиции на нови играчи. Само Манчестер Сити, актуелниот шампион на Англија, потроши околу 215 милиони евра.
Сепак, најскап фудбалер овој јануари беше Колумбиецот Џон Дуран, кој од англиската Астон Вила се пресели во Саудиска Ал-Наср за 77 милиони евра.
Женскиот фудбал, исто така, забележа рекордни трошоци во јануарскиот преоден рок оваа година, со 5,6 милиони евра, што е неверојатни 180,6 отсто повеќе од јануарскиот преоден рок минатата година.
Англиските клубови водеа и во женскиот фудбал, со 2,2 милиони евра потрошени за играчи.