Големи протести избија пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Цезареја доцна во вторникот, откако тој го разреши министерот за одбрана Јоав Галант.
Демонстрантите ги пробија полициските безбедносни бариери и маршираа кон домот на Нетанјаху во Цезареја, изразувајќи противење на одлуката.
Во меѓувреме, стотици луѓе излегоа на улиците на Тел Авив да протестираат против оставката на Галант.
Опозицијата во Израел ја критикуваше одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го отпушти Галант и да го замени со министерот за надворешни работи Јизраел Кац.
Израелската радиодифузна корпорација објави дека Нетанјаху го информирал Галант за неговото отстранување од министерското место.
Според соопштението од Кабинетот на Нетанјаху, на местото на Израел Кац, за министер за надворешни работи, е назначен лидерот на Националната десница Гидеон Сар.
Галант по повод разрешувањето на платформата X напиша: „Безбедноста на државата Израел беше и секогаш ќе биде мојата животна мисија“.
Разрешениот израелски министер рече дека неговото разрешување е поради несогласување со премиерот Бенјамин Нетанјаху во врска со регрутирањето на Евреите Хареди во армијата, нагласувајќи го неговото противење на „усвојувањето дискриминаторски и корумпиран закон“.
Галант во видео порака наведува и дека уште еден фактор што придонел за неговото отпуштање е несогласувањето околу прашањето за израелските затвореници во Појасот Газа.
„Оној што умира никогаш не може да се врати. Нема и никогаш нема да има искупување за напуштањето на заложниците“, рече Галант, навестувајќи дека владата треба да постигне договор со Хамас за враќање на заложниците.
Тој додаде дека неговата трета точка на спор со Нетанјаху е потребата да се извлечат поуки по спроведувањето на темелна истрага за нападот на 7 октомври 2023 година, кој беше нарушување на безбедноста.
Израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“ објави дека Нетанјаху го известил Галант за неговото отпуштање само 10 минути пред официјалното соопштение.
Опозицискиот лидер Бени Ганц, исто така коментираше на X: „Политика за сметка на националната безбедност“.
Во меѓувреме, Јаир Голан, лидерот на Израелската демократска партија, преку Х ги повика граѓаните да излезат на улиците на протести по разрешувањето на Галант.
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, ја пофали одлуката на Нетанјаху за разрешување на Галант, порачувајќи на X: „Му честитам на премиерот за одлуката да го отпушти Галант, премиерот направи добро што го отстрани од функцијата“.