Норвешкиот фудбалер Оле Сатер ја одби понудата на израелскиот клуб Макаби Хаифа со образложение дека не сака „крвави пари“.
Оле Сатер, 28-годишниот напаѓач на Розенборг, за норвешкиот канал ТВ 2 изјавил дека не може да ја прифати понудата и покрај финансиската сигурност што би му ја донел договорот.
Тој нагласил дека неговите вредности се поважни од парите, одбивајќи средства од земја што е обвинета за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
„Верувам во моите вредности и се залагам за она што мислам дека е правилно. Не сакам крвави пари на мојата сметка. Тоа би било ноќна мора“, рече Сатер.
Тој додаде дека договорот може да го направи „финансиски независен“, но дека не може „да претставува клуб од земја чии вредности и практики се спротивни на неговите“.
Од 2021 година Сатер одигра 53 натпревари за Розенборг, постигнувајќи 32 гола, со 11 асистенции.