Норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд потпиша нов договор со Манчестер Сити кој ќе го задржи во клубот до летото 2034 година.
Овој девет и пол годишен договор се смета за еден од најпрофитабилните во историјата на спортот.
Претходниот договор, кој важеше до 2027 година, вклучуваше откупна клаузула, но новиот договор ги отстрани сите такви клаузули, спречувајќи потенцијална преселба во клубови како Реал Мадрид или Барселона.
Манчестер Сити има разочарувачка сезона, но управата на клубот прави се за да ги задржи клучните фигури во своите редови.
Така, Пеп Гвардиола го продолжи својот престој во клубот потпишувајќи нов договор, а денеска истото го стори и најдобриот фудбалер на Сити.
Иако не беа објавени точните финансиски детали, Халанд веќе беше еден од најплатените играчи во Премиер лигата, со неделна плата од 375.000 фунти.
Како што пренесува весникот Сан, основните примања ќе бидат 26 милиони фунти по сезона, плус бонуси, плус имиџ права.
Ако се земе само основната плата, Ерлинг Халанд секој месец ќе заработува 2.166.666 фунти,или секоја недела ќе заработува околу 500.000 фунти.
Она што е интересно, новиот договор на Халанд е со важност до јуни 2034 година, што значи дека Норвежанецот со него се обврзува да остане во клубот уште девет и пол години.
Сите клаузули од претходните договори се бришат, а Сити дозволил тој да има клаузула за заминување од Манчестер, но во висина од над 150 милиони евра, и тоа најрано во јули 2029 година.
Халанд пристигна во Сити од Борусија Дортмунд во 2022 година и досега постигна 111 гола на 126 натпревари за „граѓаните“, а беше и најдобар стрелец во Премиер лигата во последните две сезони.
Со Сити, тој ја освои тројната круна во 2023 година, имено англиската Премиер лига, англискиот ФА Куп и Лигата на шампионите, а ја освои и Премиер лигата во 2024 година.
„Пресреќен сум и горд што ќе останам овде уште долго. „По разговорот со шефовите на клубот, ова беше лесна одлука“, изјави Халанд.