За „граѓаните“ досега има одиграно 304 натпревари и постигнато 60 голови / Photo: Facebook Manchester City

Фудбалскиот клуб Манчестер Сити потврди дека потпишал договор со Илкај Гундоган, кој се врати како слободен играч, откако минатата сезона ја мина во Барселона.

„Граѓаните“ објавија дека со Гундоган е потпишан едногодишен договор.

Искусниот играч од средниот ред помина седум многу успешни сезони на „Етихад“ пред да се пресели во Барселона во јуни 2023 година, само 16 дена откако капитенот на Сити го подигна трофејот на победникот во Лигата на шампионите по триумфот против Интер во Истанбул.

За време на неговиот извонреден прв престој во клубот, Германецот освои пет титули во англиската лига, два ФА купа, четири Лига купови, два Суперкупа и една Лига на шампиони. За „граѓаните“ одигра 304 натпревари и постигна 60 голови.

„Моите седум години во Манчестер Сити беа време на чисто задоволство за мене, и на теренот и надвор од него. Пораснав како личност и играч, развив посебен однос со навивачите на Сити и уживав во неверојатен успех. Тоа беше извонреден период во мојот живот. Можноста да се вратам овде значи многу“, изјави 33-годишниот Гундоган за веб-страницата на Сити.

Гундоган во текот на својата кариера настапуваше и за вториот тим на Бохум, Нирнберг и Борусија Дортмунд.

Во дресот на германската репрезентација одигра 82 натпревари и постигна 19 голови.

AA
Популарни