Фудбалската репрезентација на Хрватска е прв финалист во УЕФА Лигата на нации.
Во првото полуфинале што се одигра синоќа во Ротердам, Холандија, репрезентацијата на Хрватска по продолженијата го совлада домаќинот Холандија со резултат 4:2, откако во регуларниот дел средбата заврши нерешено 2:2.
Во исклучително возбудлив и динамичен натпревар Холандија поведе 1:0 со голот на Малена во 34. минута. Со овој резултат заврши првото полувреме.
Во вториот дел од средбата Хрватска заигра подобро и успеа да го изедначи резултатот на 1:1 во 55. минута. Погодокот со удар од белата точка го постигна Крамариќ. Хрватските фудбалери, кои се познати и по прекарот „ватрени“ направија пресврт во 72. минута.
Пашалиќ, по одличната акција на гостите, шутираше од свртување „од прва“ и на Хрватска ѝ донесе водство од 1:2. Холандија, сепак, се созема по шокот и во шестата минута од судиското продолжение 90 + 6, со погодокот на Лонг го изедначи резултатот на 2:2 и го одведе натпреварот во продолженија 2 х 15 минути.
Хрватската репрезентација својата сила и карактер ги покажа во продолжението на натпреварот, кога апсолутно ја надигра селекцијата на Холандија. Херој на средбата беше „играчот од клупата“ Петковиќ, кој постигна извонреден погодок во 98. минута за водство од 2:3. Капитенот Модриќ со гол од оправдано досудениот пенал во 116. минута ги постави конечните 2:4 и триумф над Холандија, со кој Хрватска стана прв финалист на УЕФА Лигата на нации.
Во холандскиот град Енсхеде денес на програмата е второто полуфинале, во кое се среќаваат Шпанија и Италија. Средбата започнува во 20:45 часот.
Финалето на УЕФА Лигата на нации ќе се одигра на 18 јуни, недела, со почеток во 20:45 часот, на стадионот „Де Којп“, во Ротердам, Холандија. Натпреварот за трето место ќе се одигра истиот ден, а средбата започнува во 15:00 часот.