Индиецот го собори рекордот од 1985 година што го држеше Гари Каспаров, кој тогаш ја освои титулата кога имаше 22 години / Photo: AFP

Четиринаесеттиот натпревар од дуелот за титулата светски првак во Сингапур помеѓу бранителот на титулата Кинезот Динг Лирен и 18-годишниот Индиец Гукеш Домараџу заврши со победа на Гукеш со вкупни 7,5 : 6,5 со која стана најмладиот светски шампион во историјата на шахот.

Тоа беше резултат на невидена грешка на светскиот шампион во „бетонска“ реми позиција. По мирна позициска игра, предизвикувачот успеа да освои пион, а во сосема рамноправна завршница Динг го „пронајде“ единствениот пат до поразот и губење на титулата.

Прво го пасивизирал ловецот, а потоа, на запрепастување на сите љубители на шахот, понудил да го размени топот, по што следела загуба на пионот.

Гукеш е вториот Индиец кој ја добива оваа титула по Вишванатан Ананд.

Натпреварот во Сингапур беше неизвесен до крајот, но грешките на 32-годишниот Динг на крајот го чинеа титулата што ја освои за прв пат во април 2023 година. Од друга страна, Гукеш не пропушти можност да го продолжи метеорскиот подем во светот на шахот.

Неговото назначување како предизвикувач, благодарение на неговата победа за време на турнирот за кандидати во април 2024 година, ги изненади сите, но тој продолжи да импресионира со одличната изведба за време на шаховската олимпијада во септември, која ја освои Индија.

Со поразот на Динг, тој стана најмладиот светски шампион во историјата, рекордот од 1985 година што го држеше Гари Каспаров, кој тогаш имаше 22 години.

TRT Balkan / агенции
Популарни