Инфантино: Европјаните не се во состојба да држат морални лекции / Photo: Reuters

Челникот на ФИФА рече дека Катар и главниот град Доха се спремни да бидат домаќини на „најдобро Светско првенство досега“.

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино им одговори на европските критичари во врска со Катар, домаќинот на Светското првенство, и укажа на моралните двојни стандарди на својот континент.

„Слушнавме многу, многу лекции од некои Европјани и од западниот свет. Мислам дека за она што ние Европјаните го правевме во последните 3.000 години би требале да се извинуваме во наредните 3.000 години. Дури тогаш би можеле да им делиме морални лекции на луѓето“, рече Инфантино.

Тој додаде дека Катар и главниот град Доха се спремни да бидат домаќини на „најдобро Светско првенство досега“.

„Ова е еднострана морална лекција која всушност е лицемерна. Се прашувам зошто никој не го воочува напредокот кој тука е направен од 2016 година. На критичарите не им е лесно да ја прифатат одлуката која е донесена пред 12 години. Катар е подготвен. Ова ќе биде најдобриот Мундијал досега“, рече Инфантино и додаде:

„Денес се чувствувам како жител на Катар. Денес се чувствувам како Арап. Денес се чувствувам како геј. Денес се чувствувам како инвалид. Денес се чувствувам како работник мигрант. Секако дека не сум жител на Катар, не сум Арап, не сум Африканец, не сум геј, не сум инвалид, но знам што значи да се биде дискриминиран, вознемируван, како странец во странска земја“.

Инфантино рече дека европските нации сега ги затворија своите граници за имигрантите кои сакаа да работат таму, додека Катар им понуди можност на работниците од Индија, Бангладеш и другите земји од југоисточна Азија преку илегалните канали.

„Она што е ставено на маса во изминатите неколку месеци е нешто сосема неверојатно“, рече челникот на ФИФА одговарајќи на критиките на западните медиуми на сметка на Катар. Светското фудбалско првенство во Катар започнува утре, од 20 ноември и ќе се одржува до 18 декември.

TRT Balkan / агенции
Популарни