Сенегалците го слават пласманот во осминафиналето на Мундијалот      Фото: АА

Последните натпревари во групите А и Б се одиграа вчера на Светското фудбалско првенство 2022, што се одржува во Катар.

Во натпреварите од групата А, Холандија играше против домаќинот Катар, а Еквадор му се спротивстави на Сенегал. Холандија извојува победа од 2:0, а головите ги постигнаа Коди Гакпо во 26. минута и Лук Де Јонг во 49. минута од натпреварот.

Во вториот натпревар меѓу Еквадор и Сенегал мрежата остана незатресена до 44. минута, кога фудбалерот Исмаила Сар постигна гол за водство на Сенегал од 1:0, резултат со кој се отиде на полувреме. Во второто полувреме Еквадор се обидуваше да го израмни резултатот, а во тоа успеа во 67. минута преку Мојсес Каиседо. Меѓутоа, радоста на Еквадор не траеше долго; само 3 минути подоцна Сенегал повторно премина во водство со погодокот на Калиду Кулибали во 70. минута, поставувајќи го конечниот резултат 2:1 за Сенегал.

По одиграното последно коло во групата А Холандија се најде на врвот од табелата со 7 бода, второпласиран е Сенегал со 6 бода, третопласиран е Еквадор со 4 бода, а домаќинот Катар остана на четвртата позиција без бодови. Пласман во наредната фаза обезбедија Холандија и Сенегал.

Во натпреварите што се одиграа во 20:00 часот се сретнаа Англија - Велс и САД - Иран. Англиската репрезентација го совлада Велс со резултат 3:0. Првото полувреме заврши без погодоци, а Англичаните поведоа со 1:0 со голот на Маркус Рашфорд во 50. минута од средбата. Фил Фоден со голот само една минута подоцна го зголеми водството на 2:0, а конечните 3:0 ги постави Маркус Рашфорд со својот втор гол во 68. минута.

Во дуелот меѓу Иран и САД, Американците беа поуспешни и извојуваа минимална победа од 1:0. Погодокот за САД го постигна Кристијан Пулишиќ во 38. минута од средбата.

Во групата Б на врвот од табелата се најде репрезентацијата на Англија со освоени 7 бода. Второпласирана е селекцијата на САД со 5, Иран е третопласиран со 3 бода и селекцијата на Велс е последна со 1 бод. Пласман во осминафиналето на СП Катар 2022 обезбедија Англија и САД.

Познати се првите два пара што ќе се сретнат во осминафиналето на СП во фудбал. Репрезентацијата на Холандија ќе игра против САД, а Англија како противник ја има селекцијата на Сенегал.

Дуелот Холандија - САД е закажан за 3 декември (сабота), со почеток во 16:00 часот, а натпреварот меѓу Англија и Сенегал се игра на 4 декември (недела), со почеток во 20:00 часот.

Денеска на програмата се средбите од последното коло во групите Ц и Д. Се среќаваат:

16:00 - Тунис - Франција

16:00 - Австралија - Данска

20:00 - Полска - Аргентина

20:00 - Саудиска Арабија - Мексико

AA
Популарни