Германскиот тренер Јирген Клоп е назначен за директор за глобален фудбал во Ред Бул, соопштено е денеска.
Германецот потпиша договор кој започнува на 1 јануари 2025 година, а најзаслужен за неговото доаѓање во Ред Бул е Оливер Минцлаф (49), кој беше извршен директор на РБ Лајпциг од 2014 до 2022 година.
После тоа, тој стана извршен директор за корпоративни проекти и инвестиции во Ред Бул. „Билд“ го нарекува „еден од најмоќните луѓе во светот на спортот“.
Билд пишува и дека Клоп е избран поради големото искуство, познанства, фудбалско знаење и харизма и дека ќе се грижи за главните одлуки во клубовите под „капата“ на Ред Бул.
Тоа се, покрај Лајпциг, Салцбург, Лидс, Њујорк, Брагантино (Бразил) и Омија Арди (Јапонија).
Клоп ќе се занимава со долгорочна стратегија, анализа на потенцијални трансфери, филозофија на играта, развој на таленти и трансфери, главни тренери...
„Можеби мојата улога е променета, но мојата страст за фудбалот и луѓето кои ја прават играта не се. Со приклучувањето кон Ред Бул на глобално ниво, сакам да го развивам, усовршувам и поддржам неверојатниот фудбалски талент што го имаме на располагање. Има многу начини да го направиме тоа, користејќи го елитното знаење и искуство што ги има Ред Бул со учење од други спортови и други индустрии“, рече Клоп, пренесува официјалната веб-страница на Ред Бул.
Германскиот тренер изјави дека ја гледа својата улога како ментор на тренерите и раководството на Ред Бул.
„Јас сум дел од организација која е уникатна, иновативна и гледа напред. Воодушевен сум“, додаде Клоп.
Претходно германскиот стратег најави дека дефинитивно нема да се врати на тренерската работа во 2025 година.
„Без клуб, без репрезентација следната сезона, тоа ви го ветувам. Но секако дека во одреден момент ќе почнам повторно да работам. Премногу сум млад за да се грижам за моите внуци и да играм падел. Можеби ќе најдам нешто ново“, рече Клоп по заминувањето од Ливерпул.
Клоп, сепак, побарал во договорот да биде вклучена излезна клаузула според која би можел да ја напушти оваа позиција доколку му биде понудена друга тренерска работа.
Станува збор за функцијата селектор на германската фудбалска репрезентација, па Клоп веќе автоматски се наметнува како наследник на Јулијан Нагелсман.
Се очекува дека сегашниот тренер на „Елф“ би можел да си замине од оваа функција по Светското првенство во 2026 година.
Клоп (57) го напушти Ливерпул на крајот од минатата сезона, откако девет години го водеше англискиот клуб. Претходно беше тренер на Борусија Дортмунд и Мајнц.