Четворица фудбалери со македонско потекло и еден селектор настапиле на Светско првенство во фудбал     Фото:

Македонските фанови претстојниот Мундијал ќе го следат на телевизиските екрани, без можност да навиваат за сопствената репрезентација. Во историскиот бараж турнир, македонската фудбалска репрезентација ја победи Италија со доцниот гол на Тричковски што ги шокираше „аѕурите“ но, и фудбалските експерти ширум светот.

Сепак, во финалниот бараж натпревар се испречи Португалија предводена од Кристијано Роналдо. Со тој пораз заврши мундијалскиот сон на генерацијата фудбалери предводена од Елмас, Алиоски, Барди, Ристовски, Димитриевски.

Македонската репрезентација ќе почека за деби настап на најсилниот фудбалски турнир во светот, но тоа не значи дека досега ниту еден македонски фудбалер не истрчал по „бубамарата“ на зелените терени во историјата.

Првата фудбалска легенда

Како дел од репрезентацијата на Југославија свое учество на светските првенства во фудбал запишале вкупно тројца фудбалери со македонско потекло. Мразот го скрши легендарниот Кирил Дојчиновски. Тој е првата голема македонска и југословенска фудбалска ѕвезда.

Местото во тимот на „европските Бразилци“ го заслужи со фантастичните настапи за Црвена Ѕвезда и во француското првенство. Дојчиновски беше дел од историската победа од 9:0 против Заир (денешна Демократска република Конго), а во првата групна фаза, помогна Југославија да одигра реми со Бразил и Шкотска, доволно за пласман во втората групна фаза.

Следните натпревари Југословените немаа причини за славје, бидејќи ги загубија сите мечеви, вклучувајќи го и поразот од тогашна Западна Германија која подоцна во финалето ја освои втората титула светски шампион во фудбал.

Удел во последниот „југословенски“ блесок

За нов настап на македонски фудбалер во елитната репрезентативна сцена ќе поминат уште дваесетина години, кога „жареа и палеа“ огромните вардарови таленти Дарко Панчев и цврстиот дефанзивец Вујадин Станојковиќ. Интересно е што и оваа, иако далеку помоќна југословенска селекција, од која беа дел и Македонци, загуби од Западна Германија која на турнирот во Италија ја освои третата титула светски шампион.

Во групната фаза засега единствен стрелец на светските првенства во фудбал кој е Македонец е Панчев. Популарната „кобра“ стрелаше два пати против Обединетите Арапски Емирати, помагајќи во високата победа од 4:1.

Оваа последна генерација на репрезентацијата на Југославија која некогаш настапила на светските првенства, ја пројде Шпанија во првиот натпревар од нокаут фазата, а потоа одигра легендарен натпревар против Аргентина, тогашниот актуелен светски шампион предводен од Диего Армандо Марадона. По тешки 0:0 и играч помалку за Југославија, мечот од четврт-финалето беше решен во пенал рулетот.

Така беше урнат и сонот на големите фудбалски ѕвезди од регионот кои потоа беа дисквалификувани за настап на Европското 1992 година поради почетокот на војната во Југославија.

Преку „барата“

Треба да се напомене и дека на светските шампионати учество имаше и австралискиот репрезентативец Миле Штерјовски. Фудбалерот почетоците ги бележеше во фудбалските клубови на македонските иселеници во Австралија меѓу кои „Илавара Лавови“.

Како член на швајцарски Базел за кого во кариерата постигна 31 гол, имаше гарантирано место во националниот тим на Австралија за време на Мундијалот во Германија кој се одигра во 2006 година. Австралија ја мина една од најтешките групи во која играа уште Бразил, Хрватска и Јапонија.

Австралија беше елиминирана во првата нокаут рунда од Италија со гол од пенал на Тоти во 95 минутата. Подоцна Италија славеше во големото финале против Франција, запамтено по ударот со глава на Ѕидан во градите на Матераци.

Селекторската палка

Благоја Видиниќ, славниот чувар на мрежите, кој кариерата ја започна во скопски Вардар, и имаше блескави настапи на голот на Југославија на две Олимпијади и едно Европско првенство од кои сите ги заврши со медал на градите, е засега единствен Македонец кој отпатувал на Мундијалите, но во улога на селектор на една репрезентација.

По крајот на неговата богата играчка кариера, тој беше еден од плејадата на екс-југословенски фудбалери кои беа ангажирани од африканските нации за развој на тамошниот фудбал.

Видиниќ, ги предводеше репрезентациите на Мароко на Светското првенство во 1970 каде со три порази од Бугарија, Перу и Западна Германија го заврши учеството, и Заир на шампионатот во 1974 година каде го претрпе гореспоменатиот пораз од Југославија, и последно место во групата со порази од Шкотска и Бразил.

Од регионот, покрај стандардните Хрватска и Србија, единствено Босна и Херцеговина по независноста успеа да се пласира на Светското во фудбал 2014 година, додека Словенија се пласираше на два пати во 2002 и 2010 година, а на поголем успех на меѓународната сцена трпеливо чекаат Црна Гора, Албанија и Косово.

TRT Balkan
Популарни