Кошаркарскиот клуб Дубаи од следната сезона ќе игра во АБА лигата, одлучено е денеска на седницата на Собранието на регионалното натпреварување во Загреб.
Пред една недела претставници на Дубаи на седницата на Собранието на регионалното натпреварување презентираа долгорочна понуда и спортско-деловна визија за влез во АБА лигата од сезоната 2024/2025.
Седницата потоа беше прекината, а најавено е дека ќе продолжи денеска.
Како што пренесува Спортклуб, на денешната седница на Собранието на АБА лигата, Дубаи ја подигнал првичната понуда од 1,5 милиони долари на 2,5 милиони долари за првата сезона во регионалното натпреварување.
Исто така, се наведува дека девет клуба гласале за влез на Дубаи во АБА лигата, еден бил воздржан, а еден бил против.
Дубаи во следните три сезони треба да игра во АБА лигата со можност за продолжување на соработката.