Масар Омерагиќ е нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
На денешното Вонредно изборно генерално Собрание, Масар Омерагиќ со акламација е избран за прв човек на македонскиот фудбал. Во своето обраќање Омерагиќ рече дека знае во која насока треба да се развива фудбалот во земјава.
„Трпение, упорност и многу жртвувања! И јас сум еден од вас, човек од фудбалот. Знам како треба и знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија. Фудбалот е тимска работа и поединец не може сам. Како и на теренот, треба многу трчање, многу работа, многу пот за да се стигне до победата. Таков е фудбалот во кој се паметат само победите и успесите, а таква е и претседателската работа во федерацијата“, рече Омерагиќ.
Тој додаде дека фудбалот е спорт кој бара напорна работа и многу добар тим за да се постигне целта.
„Знам како, верувам во она што ќе го споделам во неколку точки“, истакна Омерагиќ и наведе дека неговиот фокус ќе биде на следните работи: враќање на гегендите во структурите на ФФМ, фудбал за секое дете, регуларно првенство, враќање на публиката на теренот и силни клубови, спонзор на Лигата, спонзор за судиската организација како и чесност, чист образ и транспарентност.
„Рак рана години наназад беше корупцијата и врските како начин за успех каде што многу млади вистински таленти се демотивираа и откажуваа од фудбалот. Во многу од државите фудбалските работници го променија тоа, на ред сме ние. Нулта толеранција за корупција во фудбалот и вистинска шанса за секој квалитетен талент кој мотивирано ќе работи да се докаже и успее, а успехот на секое дете помогнат од нас, ќе биде успех на целата јавност и држава“, додаде Омерагиќ и порача: „Немам волшебно стапче, но имам и визија и трпение и добар тим околу себе.
Веќе од утре почнуваме со напорна и тешка работа. Заедно ќе успееме“.
Пред изборот на нов претседател делегатите ја констарираа оставката на досегашниот претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Веднаш по изборното собрание новиот претседател ја одржа и првата седница со Управниот одбор на која еспресно беше одлучено во раководните тела на федерацијата да се вратат и неколку македонски фудбалски легенди.
Славниот капитен Горан Пандев ја доби фукнцијата спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции, а Илија најдоски и, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ.
Инаку, Масар Омерагиќ е седмиот претседател во историјата на македонската куќа на фудбалот по осамостојувањето.
Негови претходници во 32 годишната историја на ФФМ беа: Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) И Муамед Сејдини (2018-2024).