Мавзолејот на Пеле во Сантос отворен за јавноста / Photo: AP

Последното почивалиште на легендата на бразилскиот фудбал Пеле во Сантос е отворено за јавноста, половина година по смртта на човекот кој важеше за најдобриот фудбалер на сите времиња.

Пеле по долга борба со ракот почина на 29 декември во 82 година од животот. Погребан е на гробиштата Меморијал Некропол Екуменика во Сантос. Овој Меморијален центар е најголемата вертикална гробница во светот.

Пеле или „Кралот“ како што го нарекуваат Бразилците, погребан е во мавзолејот од 200 квадратни метри на деветтиот кат на гробницата, од каде се гледа стадионот на неговиот клуб Сантос. Спомен собата е посебно подготвена за него. Потсетува на фудбалски стадион, со вештачка трева на подот, а во средина на просторијата е позлатената крипта со посмртните останки на фудбалската легенда.

Навивачите на влезот во Мавзолејот на Пеле ги дочекуваат две златни статуи под името „О Реи“ во природна големина.

Роден како Едсон Арантес до Нашименто, Пеле е единствениот играч во историјата кој освоил три титули на светски шампион. Во кариерата постигна 1.281 гол, играјќи за Сантос (1956-1974), Њу Јорк Космос (1975-1977) и бразилската репрезентација.

Позлатената крипта на Пеле има црвени гравури од страна кои ги прикажувааат неговиот 1.000 гол и познатото прославување на гол со крената рака.

Просторијата е залепена со слики од навивачите на фудбалскиот стадион. Мавзолејот се наоѓа на помалку од километар од стадионот Вила Белмиро, каде Пеле ги одигра повеќето натпревари во својата славна кариера.

За сега, влезот во гробницата е ограничен на 60 луѓе дневно.

TRT Balkan / агенции
Популарни