Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери за натпреварите од почетокот на Лигата на нациите против Фарски Острови (7. Септември) и Ерменија (10. Септември). Деби повик во најдобрата селекција доби Кристијан Трапановски од шкотски данди Јунајтед. Поради повреда на списокот не се најде голманот Дејан Илиев.
„На списокот со повикани фудбалери нема поголеми измени од оние кои ги завршија квалификациите за ЕП. Фудбалерите на кои сметаме покажаа дека имаат потенцијал да се тука и понатаму. Жал ми е што Дарко Велковски е без клуб и нема да биде во комбинација за настап на двата меча. Дени Илиев исто така нема да биде во составот поради повреда. Дебитант е Кристијан Трапановски кој со настапите за Данди Јунајтед заслужи да биде дел од тимот. Ги следев неговите игри и пред да направи трансфер во Шкотска, разговаравме и беше свесен за одредени недостатоци во играта. Познавајќи го каков карактер е, на добар пат е да се наметне и во репрезентацијата. Неколку фудбалери од младата селекција се потенцијални за повик во А тимот. По крајот на нивните квалификации за ЕП, неколкумина од нив би требало да се приклучат во нашата репрезентација“, истакна Милевски.
Фарските Острови се незгоден противник, агресивен и дисциплиниран противник, смета Милевски.
„Се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да сме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој противник во групата. Фарски Острови не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално“.
Според Милевски оваа Лига на нации, дава можност за пласман на Светско првенство, но патот до таму е навистина тежок.
„Не очекуваат противници кои се незгодни, физички одлично подготвени,играат дисциплинирано и со доста динамика.Мирен сум дека пред септемврискиот циклус, речиси сите ги минаа подготовките и се максимално спремни, за разлика од јунскиот прозорец кој секогаш ни бил проблематичен“, вели Милевски.
Првиот натпревар против Фарски Острови се игра на 7 септемвриод 15:00 часот, а вториот дуел е закажан на 10 септември од 20:45 часот против Ерменија во Скопје.