На сите светски првенства во фудбал, почнувајќи од 1930 година, биле одиграни 900 натпревари. На нив биле постигнати вкупно 2.548 голови. Меѓу петтемина најефикасни стрелци на мундијалите се двајца Германци, двајца Бразилци и еден Французин. Тие имаат постигнато вкупно 71 гол на 14 светски шампионати.
Германскиот репрезентативец Мирослав Клосе со 16 погодоци е најефикасен во историјата на светските првенства. По него следуваат Роналдо Назарио да Лима од Бразил (15), Герд Милер од Германија (14), Жист Фонтен од Франција (13) и славниот Бразилец Пеле (12).
Клосе стрелец на четири шампионати
Мирослав Клосе постигна 16 голови со кои се најде на првото место во историјата на светските првенства. Ги даде на четири светски првенства, во 2002, 2006, 2010 и 2014 година. Заедно со Пеле, Уве Зелер и Роналдо Назарио да Лима е меѓу ретките кои постигнале гол на четири шампионати. Клосе постигна по пет гола во 2002 и 2006 година, четири гола во 2010 година и два гола во 2014 година.
Роналдо со три гола повеќе од Пеле
Втор на листата е Роналдо Назарио да Лима со постигнати 15 голови. Поранешниот репрезентативец на Бразил настапил на 19 натпревари на четири светски првенства. Тој беше во составот на Бразил во 1994, 1998, 2002 и 2006 година. Роналдо има три гола повеќе од прославениот Пеле кој постигнал 12 голови на четири светски првенства и се наоѓа на петтото место на листата најдобри стрелци.
Фонтен рекордер со 13 погодоци на едно СП
Французинот Жист Фонтен го држи рекордот за најмногу постигнати голови на едно светско првенство. Тој на СП во 1958 година, кое се одржа во Шведска, 13 пати ја тресеше противничката мрежа и постави тешко достижен рекорд.
Сонародникот на Клосе, Герд Милер постигна 14 голови на две светски првенства. На СП 1970 постигнал десет голови . Останатите четири голови ги постигна на светското првенство 1974 година.
Освен Фонтен и Милер десет или повеќе голови на турнир успеал да постигне и Унгарецот Шандор Кочиш во 1954 година. Тој бил стрелец 11 пати.