Прва арапска селекција која стигнала до четвртфинале     Фото:  / Photo: AA

Мароко ги освои симпатиите на фудбалските фанови ширум светот, како репрезентација која пред да започне првенството воопшто не беше во фокусот на вниманието.

Во групната фаза беше заедно со извиканата Белгија која е меѓу најскапите селекции на сите времиња со бројни фудбалски ѕвезди, како и талентираната Хрватска која пред четири години играше токму во големото финале и загуби од Франција.

На изненадување на многумина, Мароко одолеа на налетот на Хрватска, умешно ја совлада Канада која не беше созреана за ваков турнир, и ја шокираше Белгија, фрлајќи ги големите ѕвезди во очај и предвремен крај на нивниот настап на Светско.

Еуфорија на трибините во Катар     Фото: AA

Селекција за историски моменти

Мароко е првата арапска и африканска земја која завршила прва во група во 21 век, а потоа стигнала и до четвртфиналето, попат елиминирајќи ја величествената Шпанија. Мароканците имаа силна верба и покажаа одлучност и храброст во шутирањето пенали.

Херој на мечот, шпанските фудбалери и по три шута од пенал не го совладаа Буну     Фото:  AA

Херој на натпреварот на нерви беше голманот Јасин Буну кој не прими ниту еден гол од шутевите на Сарабија, Солер и Бускец. Добитни стрелци за селекторот Валид Реграгуи беа Сабири, Зијех и Хакими, додека само Бенун не успеа да реализира.

Во меѓусебната историја на светските првенства, ова беше втор натпревар меѓу Мароко и Шпанија кој во регуларните 90 минути завршил нерешено. Претходно двете селекции одиграле 2:2 но, во групната фаза на шампионатот од 2018 во Русија. Тогаш Мароко испадна по првите три натпревари и бодот со „фуријата“ не им беше доволен за нокаут фазата.

Следно, на нишанот на „Лавовите од Атласот“ е селекцијата на Португалија, втора по ред од Пиринеите со која ќе вкрстат во сабота.

Нусаир Мазрауи (Баерн Минхен), Хакими (Пари Сен Жермен) и Зијех (Челзи) се главните столбови на Мароко. Покрај нив исто така важни се и Најеф Агуерд (Вест Хем Јунајтед), Ромен Саис (Бешикташ), голманот Буну (Севиља) и Јусеф Ен Несири (Севиља) кои може да направат голема разлика на теренот, што го покажаа со досегашните натпревари на кои само еднаш ја вадеа топката од сопствената мрежа.

Валид Реграгуи е првиот арапски селектор кој се пласирал во четвртфинале      Фото: AA

Навраќајќи се на историјатот на претходните првенства, досега овие селекции се соочиле два пати. Мароко исто така ги имаше за противник пред четири години во Русија, кога единствениот погодок за победа го постигна португалскиот ас Кристијано Роналдо.

Но, Мароканците инспирација ќе бараат во нивните претходници, пред повеќе од триесет години. Ќе се потсетат на славната генерација од 1986 година која исто така заврши на првото место во група со Англија која продолжи понатаму, а ја елиминираа Полска но, и токму претстојниот противник Португалија.

Мароко убедливо ја победи Португалија со 3:1 и го освои првото место во својата група. Потоа беше елиминирана од моќната Германија и голот на Лотар Матеус.

Следен предизвик е четврфинален дуел против Португалија во сабота на 10 декември     Фото:  AA

Селекцијата од северот на Африка е и првата од својот континент која на натпревар на Светско првенство успеала да извлече бод, во далечната 1970 година против Бугарија. Таа е и првата африканска и арапска нација која играла нокаут натпревар, и првата африканска селекција која освоила 7 бода во групната фаза.

Досега ниту една африканска, уште помалку арапска селекција не успеала да се пласира во полуфинале на Светско. Патот на селекциите од африканскиот континент секогаш завршувал во оваа фаза.

Англија го запре Камерун со 3-2 во четвртфиналето во 1990 година.

Туркије, која беше меѓу фаворитите од сенка на Светското првенство 2002 година, го елиминираше Сенегал со 1-0 во четвртфиналето со „златен гол“, кога според тогашните правила првата селекција која ќе постигнеше гол во продолжението го добиваше натпреварот.

Во четвртфиналето во Јужна Африка 2010 година, Гана беше драматично елиминирана од Уругвај во пенал рулетот по ремито 1-1.

Сега, честа на Африка, но и на арапскиот свет ќе ја брани Мароко, со шанса одново да испише историја.

TRT Balkan / агенции
Популарни