Десет интересни факти за Катар, земјата домаќин на СП во фудбал   

Катар 12 години е во фокусот на вниманието на светската спортска јавност. Интересот за оваа земја особено се зголеми од 2010 кога ја доби организацијата на Светското првенство во фудбал кое започнува денеска. Во продолжение прочитајте десет интересни факти за земјата организатор на Мундијалот.

Помала од Северна Македонија

Катар е една од најмалите земји на Блискиот Исток и воедно најмалата држава домаќин на едно светско фудбалско првенство. Има површина од 11.500 квадратни километри. Според површината, Катар е речиси два и пол пати помала земја од Северна Македонија, а скоро пет пати од Босна и Херцеговина и дури осум пати помала од Србија.

Невообичаена близина на стадионите

Стадионите на кои ќе се игра светското првенство се наоѓаат во главниот град Доха или во негова близина. Катар на мал простор ќе треба да го изменаџира престојот на навивачите на репрезентациите. Но од друга страна љубителите на фудбалот ќе можат да проследат повеќе натпревари во еден ден.

Една копнена граница

Катар е полуостров во Персискиот залив. Единствената копнена граница му е со Саудиска Арабија. Катар е една од најрамните држави во светот. Има ниски ридови, но не и планини. Крајбрежјето е долго 563 километри.

Повеќе жители од државјани

Катар има околу 3 милиони жители. Интересно е дека само приближно 380.000 се државјани на Катар. Останатите дошле во оваа земја главно поради условите за работа. Според податоците од 2020 година, 40 отсто од населението на Катар живее во Доха.

Независност

Катар е независна држава 51 година. Независноста ја стекна во 1971 година. До тогаш бил под протекторат на Велика Британија.

Трета најбогата држава според БДП по глава на жител

Според бруто домашниот производ по глава на жител, Катар се наоѓа на третото место во светот. БДП по глава на жител (per capita) на Катар изнесува 94.392 долари. Пред него се наоѓаат само Сингапур со 97.057 долари и Луксембург со 118.001 долар.

На 23 место во светот по безбедност

На најновата листа на Глобалниот индекс за мир, Катар се наоѓа на 23 место со оценка 1.533. Тоа е подобрување од шест позиции во однос на 2021 година, кога Катар беше на 29 место со оценка 1.605.

Нафтата и природниот гас се главни ресурси

Пред пронаоѓањето на нафтата и природниот гас Катар бил сиромашна земја. Главна дејност била откривањето бисери. Експанзијата настанува крајот на триесеттите и почетокот на четириесеттите години на минатиот век кога била пронајдена нафтата и околу 1970 година кога бил пронајден природниот гас. Денес Катар е меѓу петте држави со најголеми резерви на природен гас и меѓу 15 држави со најголеми нафтени резерви во светот.

Најдолга велосипедска патека

Олимписката велосипедска патека во Доха влезе во Гинисовата книга на рекорди како најдолга континуирана велосипедска патека во светот. Таа е долга 33 километри. Патеката беше завршена во 2020 година и минува низ 18 подвозници.

Арапски орикс и сокол

Арапскиот орикс е национално животно на Катар. Се работи за редок вид на антилопи кој до 1972 бил под закана за исчезнување. Ориксот е толерантен на високи температури. Поврзаноста со соколот како национална птица е уште од времето на бедуините.

TRT Balkan
Популарни