Томислав Димитровски - Томас е човек кој живее со уметноста и успешно ја развива со текот на годините. Основач е на ателјето „Арт терапија“, место каде уметноста е лек и поттик за развивање на креативност но и за будење на сликарскиот дух.
Како што и самиот вели, тој е производ на арт терапијата и тоа било главна причина да ја понуди на сите на кои им е потребна со цел да ги разбистрат мислите и да се пронајдат себеси. Па за таа цел во „Арт терапија“ се организираат работилници за лица над 12 години во кои преку различни и автентични методи се создаваат уметнички дела.
„Во моето ателје се нуди опуштање од 100 минути, време каде што со малку џез и блуз музика и тотална тишина без телефони ствараме и се учиме да ја разбудиме креативноста. “, вели Томас во изјава за ТРТ Балкан.
Како што ни откри Томас, секој од учесниците на работилницата добива материјали од ателјето и негова единствена задача е да се препушти на уметничкиот и креативен дух каде од една точка ќе создаде цела слика која на крајаот останува за него.
„Во суштина не се само моите часови важни. Потребно е учесниците кога ќе завршат со работилницата да продолжат да цртаат дома, посебно кога ќе дојдат до момент да се нервираат или да имаат некаков неспокој. Токму во тие моменти битно е да извадат ливче да земат пенкало и да почнат да шкртаат или да стават некоја боја за да се опуштат“, додава Томас.
Според него, ваквиот пристап помага во подобрување на фокусот и растеретување на мислите кои постојано се вртат во човековите глави.
Инаку Томас, долго време се занимава со уметност. Тој е текстилен инженер и моден дизајнер кој во изминатите години успеал да остави трајни белези во уметноста. Неговите слики кои се дел од ателјето „Арт терапија“ имаат посебен идентитет и раскажуваат разни приказни полни со емоции.