Според основната поделба, постојат шест видови на чај: црн, бел, жолт, зелен, улонг и ферментиран чај. Од нив најпопуларен е црниот чај, кој сочинува околу 75% од светската потрошувачка. / Photo: Reuters

Чајот се смета за најстариот пијалок во светот. Неговата приказна започнува во античка Кина пред повеќе од 5.000 години, кога случајно е откриен од страна на императорот Шен Нунг. Од тој момент па се до денес чајот секојдневно го конзумираат милијарди луѓе ширум светот, а тоа го прави и вториот најкористен напиток.

Според основната поделба, постојат шест видови на чај: црн, бел, жолт, зелен, улонг и ферментиран чај. Од нив најпопуларен е црниот чај, кој сочинува околу 75% од светската потрошувачка.

Според истражувањата направени во 2022 година, Туркије е првата земја во светот каде најмногу се конзумира чај. Дека неговата популарност е навистина голема зборува и фактот што потрошувачката по глава на жител изнесува 3,16 килограми.

Веднаш по Туркије на второто и третото место на листата се наоѓаат и Ирска со потрошувачка од 2,19 килограми и Обединетото Кралство со 1.94 килограми.

Останатите неколку држави во кои чајот е составен дел од секојдневието се Иран, Русија, Мароко, Нов Зеланд, Чиле, Египет и Полска.

Иако Туркије е прва на листата држави кои конзумираат најмногу чај, на листата за производство го држи шестото место со 212.000 тони годишно.

Според последните податоци најголем производител на чај е државата која се смета за негово родно место, а тоа е Кина. Во Кина се произведуваат 68% од светскиот чај со тежина од околу 2 милиони тони.

На второто и третото место на листата за најголеми производители на чај се наоѓаат Индија со 1,2 милиони тони и Кенија со 432.000 тони.

Останатите држави кои се дел од листата се Шри Ланка со 340.000 тони, Виетнам со 214.000 тони, Иран со 160.000 тони, Индонезија со 148.000 тони и Јапонија со 85.000 тони.

Здравстевните придобивки од секојдневната конзумација на природни чаеви се големи. Според истражувањата тие придонесуваат за зајакнување на имунитетот, намалување на ризикот од срцевите заболувања, подобрување на виталноста, намалување на крвниот притисок, но и помош при намалување на вишокот килограми.

Со цел да се истакне огромното влијание на чајот врз животите на луѓето, во 2005 година одлучено е 15 декември да се одбележува како Меѓународен ден на чајот. Изборот токму за овој ден не е случаен.

На 15 декември е прифатена Светската декларација за правата на работниците во чајната индустрија, а на 16 декември 1773 година се случува „Бостонската чајанка“ кога американските колонисти фрлаат во морето голема количина со цеден англиски чај, со што го означуваат почетокот на борбата за независност во САД.

TRT Balkan
Популарни