Чајот, по водата е најконзумиран пијалок во светот. Илјадници години наназад луѓето ширум светот уживаат во разните вкусови на чаевите, а широко познати се и својствата на овој напиток кои го подобруваат здравјето.
Постојат илјадници различни чаеви во бројни облици, вкусови и бои, но основната поделба на чаевите е во шест видови: црн, бел, жолт, зелен, улонг и ферментирани чаеви.
Најпопуларен вид чај е црниот чај. Тој сочинува околу 75% од светската потрошувачка на чајот.
Глобална потрошувачка на чајот
Во 2020 година, глобалната потрошувачка на чај изнесуваше околу 6,3 милијарди килограми и се проценува дека ќе достигне 7,4 милијарди килограми до 2025 година, покажуваат податоците на „Статиста“.
Низ вековите наназад широко позната е културата на пиење чај во Туркије, а според „Статиста“, Туркије е прва во светот по конзумирање чај, каде по глава на жител годишно се трошат 3,16 килограми чај.
По Туркије, земји кои највеќе консумираат чај по глава на жител се Ирска (2,19 килограми), Иран (1,99 килограми), Велика Британија (1,94 килограми) и Русија (1,38 килограми). Меѓу десетте земји во кои највеќе се пие чај, според статистиките, се и Мароко (1,22 килограми) Нов Зеланд (1,19 килограми), Чиле (1,19 килограми), Египет (1,01 килограми) и Полска (1 килограм).
Најголеми произведувачи на чај
Водечки светски произведувач на чајот е Кина, а ја следат Индија и Кенија. Половина од светското производство призведува Кина која воедно е и најголемиот светски извозник на чајот. Достапните податоци покажуваат дека во 2018 година светското производство на чај изнесувало околу 5,8 милиони метрички тони.
Чајот како чувар на здравјето
Поради лековитите својства кои ги содржат бројните видови чаеви, особено зелениот и црниот чај, тие се употребуваат и за подобрување и чување на здравјето кај луѓето. Зајакнување на имунитетот, намалување на ризикот од срцевите заболувања, подобрување на виталноста, намалување на крвниот притисок, но и помош при намалување на вишокот килограми, се само некои од причините поради кои луѓето ги конзумираат чаевите.
15 декември - Меѓународен ден на чајот
Од 2005 година, земјите производители на чај го одбележуваат 15 декември како Меѓународен ден на чајот. Оваа идеја првпат е иницирана на Меѓународниот социјален форум кој се одржа во 2004 година во Мумбаи во Индија. Во 2005 година, прашањето повторно се покренува од Центарот за Образование и Комуникации на годишниот состанок на Форумот во Порто Алегре во Бразил. На овој форум, донесена е одлуката датумот 15 декември да биде прогласен за Меѓународен ден на чајот.
Изборот 15 декември да се одбележува како Меѓународен ден на чајот има и своја своевидна симболика. На 15 декември е прифатена Светската декларација за правата на работниците во чајната индустрија, а на 16 декември 1773 година во Бостон американските колонисти фрлаат во морето голема количина со цеден англиски чај, со што го означуваат почетокот на борбата за независност во САД.
Во земјите меѓу кои се Индија, Непал, Виетнам, Индонезија, Кенија, Малави, Малезија, Уганда, Танзанија, Бангладеш и Шри Ланка, 15 декември се одбележува како Меѓународен ден на чајот. Тој има за цел да ја подигне свеста за културното и економското значење на чајот низ целиот свет, како и за долгата историја на чајот.