Чајот може да ви го продолжи животот, секако доколку го пиете. Во споредба со оние кои не пијат чај, оние кои консумираат една до две шолји чај секој ден имаат помеѓу 9 и 13 отсто помала смртност, покажува најновата студија на Националниот институт за здравје на Велика Британија (НИХ).
Според резултатите од студијата, поголемата консумација на чај е поврзана и со помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести, исхемична срцева болест и мозочен удар.
Истражувањето, објавено во списанието Annals of Internal Medicine, покажува дека резултатите остануваат исти без разлика дали личноста пие кафе, додава млеко или шеќер во својот чај, без оглед на температурата и генетската способност на метаболизмот да го вари кофеинот.
Дел од оваа студија се речиси половина милион мажи и жени на возраст меѓу 40 и 69 години, од кои 85 отсто пијат чај секој ден. Дури 89 отсто од нив пијат црн чај, кој е доста популарен во Велика Британија.
Фернандо Родригез Арталехо, професор по превентивна медицина и експерт за јавно здравје на Универзитетот во Мадрид, го опиша истражувањето како „важен напредок во оваа област“.
Тој посочи дека истражувањата покажуваат умерено намалување на смртноста кај оние кои пијат чај, особено ако боледуваат од кардиоваскуларни болести.
Сепак, тој предупреди дека не може со стопроцентна сигурност да се каже дека чајот е единствената причина за намалување на смртноста, бидејќи не може да се исклучи дека се одговорни други здравствени фактори поврзани со консумирањето чај.
Друго прашање што останува неодговорено е дали луѓето кои не пијат чај треба да почнат да го прават тоа за да го подобрат своето здравје, како што сугерира новото истражување, вели Арталехо.